Во судството немало ваков резил досега – судија незадоволен од платата го одложил судењето дури за ноември

Судијата на Општинскиот суд од Крк, Хрватска Антон Хлач, ги одложил рочиштата од април за ноември затоа што платата за март го разочарала.

Судијата Хлач во образложението за одложување на рочиштата напишал и дека е оптоварен со сопствената егзистенција, така што не може да се очекува да посвети соодветно внимание на одлучувањето за туѓите права.

Ова образложение, пишуваат хрватските медиуми, ќе се памети засекогаш, и ќе се запише. Има многу реакции за овој потег на судијата, кој некои го сметаат за хумористичен, но на засегнатите не им е до смеење.

Адвокатот Милан Самарџиќ, пишува Н1, вели дека никогаш не го доживеал ова во неговите 40 години во судството. Судијата Хлача го известил дека го одложува рочиштето за половина година бидејќи платата за март го демотивирала да работи.

„Морам да кажам дека сум на страната на обвинетиот, соодветно е рочиштето да се одложи, но на ваков начин со овие образложенија тоа не смее да се случи, никој, па ни судијата Хлач, си игра со туѓите човечки судбини“, објаснува Самарџиќ.

Долгите судски постапки дополнително се прошируваат.

„Ова е постапка што беше започната во 2020 година, сега е 2023 година. Се уште не сме одржале ниту едно рочиште“, додава тој.

Судијата од Крк не сакал да се изјасни, само кртко рекол дека странките нема да бидат лишени и дека рочиштата ќе се одржат на почетокот на мај. Со овој потег тој сакал да испрати порака до Министерството за правда и администрација да се постигне дијалог и да се почитува судската власт.