Каде и да се појави Новак Ѓоковиќ станува тема број еден, а не е невообичаено луѓето да се обидат да заработат на неговото име. Една реклама ни го кажува токму тоа.
Бања Лука од 16 до 23 април ќе биде домаќин на „Српска опен“, АТП турнир од серијата 250. Турнирот оваа година привремено е преместен од Белград, но без разлика, нема да изостанат големите имиња.
Продажбата на билетите започна во понеделникот, а на порталот Olx.ba се појави интересна реклама. Имено, некој решил да продава билети за речиси 10.000 евра, а во цената бил вклучен и автомобил „Голф седум“.
„Сакате да го гледате најдобриот тенисер во историјата, а на турнирот да дојдете со голф 7 со панорамски покрив? Во продажба се 2 влезници за третиот ден од турнирот Српска опен. Со купување на билети се добива подарок Volkswagen Golf 7, 1.6, 77kw, 2013 година. Автомобилот е увезен од Германија пред три години, редовно одржуван во овластен сервис, извршен е главен и помал сервис. Има сервисна книшка и два клуча. Оригинална километража, која може да се провери во овластен сервис каде што е сервисиран. Автомобил без никакви дополнителни инвестиции. Има и панорамски покрив, зимски гуми купени нови на почетокот на минатата сезона (Michelin) и летни гуми на алуминиумски бандажи. Само што е регистриран“, напиша овој снаодлив огласувач.