Пратениците добија повисока мартовска плата за 16.000 денари – Собранието експресно ги направи пресметки согласно одлуката на Уставниот суд

Пратениците за само осум дена од минатиот месец на своите сметки добиле во просек по 16 000 денари плус, а ако нешто не се смени нивната плата во иднина би била околу 1750 евра, а на министрите пак околу 1850 евра, објави телевизија „Телма“.

Зголемување на мартовската плата за пратениците следува по одлуката на Уставниот суд за укинување на замрзнатата основица, која беше објавена на 23-ти март во Службен весник, со што бруто платата на функционерите ќе се зголеми од 55 до 78 отсто во зависност од коефициентите.

Трпе Деаноски, претседател на УПОЗ во разговор за Телма изјави дека 78 % зголемување на платата во нашата држава, никој досега не добил.

Advertisements

„Ако според она што излезе во јавноста, зголемувањето на платата на функционерите беше 19,4%, тие за 8 дена немаше да земат 14 или 12 илјади денари. Бидејќи 14. 000 денари на 62. 000 денари плата, ете ги 20 односно 19,4 проценти. Толку ќе го имаа зголемувањето за цел месец работа, а не само за 8 дена. Од тие информации што ги имам и од другите институции кои вршат исплата на плата е дека зголемувањето ќе оди по бруто просечната плата исплатена минатата година и дека зголемувањето е точно 78 проценти. Подолу од тоа не може да биде“, изјави Деаноски.