Огнената група денеска го официјализираше своето фракционерско делување во ДУИ.
Градоначалникот на Сарај, Висар Ганиу кој е дел од оваа група денеска за медиумите повтори дека органите на ДУИ не функционираат според статутот на партијата, притоа оценувајќи ги партиските избори во ДУИ како нелегитимни и нестатутарни.
„Сметаме дека е демократски да функционираме како посебна група во рамки на нашата партија и јавно да изразуваме различно мислење, како и да посочиме на големиот број нестатутарни и нелегитимни одлуки донесени во ДУИ“, рече Ганиу.
Ганиу обвини дека политичките одлуки во ДУИ ги носат исклучиво министрите од оваа партија.
„Официјално ви се обраќаме како фракција. Сметаме дека е демократски чин изразувањето на поинакво мислење и дека тоа ќе ѝ помогне на партијата да ги исправи пропустите во своето функционирање. За жал, три години по ред алармираме дека не се почитуваат Статутот и програмата на партијата. Се обврзуваме дека ќе бидеме гласот на потребите и барањата, не само на нашиот електорат, туку на сите Албанци и овој глас нема никој да го замолчи, гласот на народот е сè, тој е гласот на разумот и ќе го покажеме тоа на дело преку севкупното функционирање“, изјави Ганиу.
Тој посочи дека меѓу нив и ДУИ има разлики во ставовите околу спроведувањето на албанскиот јазик во пракса и изнесе неколку политички предлози.
„Сметаме дека сега е погоден политички момент формулата 20 проценти да се тргне од Уставот. Никаде и никој не го спомнува придонесот на ОНА. Сметаме дека треба да се направи закон за регулирање на статусот на семејствата на борците на ОНА“, рече Ганиу.
Како што соопшти Ганиу, како фракција предлагаат дијаспората да може електронски да гласа на изборите, што треба да се во Изборниот законик, имајќи предвид дека се формира група за изработка на законикот.