Актерката и поранешна пратеничка Софија Куновска ја коментира инцијативата на градоначалникот Горан Герасимовски за законски измени кои ќе овозможат конфискација на дивоградбите, а кои потоа би им биле отстапени на користење на граѓаните.
Оваа иницијатива предизвика многу спротивставени реакции, некои ја поддржаа, а други велат дека е спротивна на Уставот.
Еве што вели Куновска:
„Деновиве сведочиме на иницијатива за конфискација на диво изградени објекти. Морници ме полазија од помислата колку големо незнаење и неодговорност содржи оваа идеја во себе.
Настрана правните недоследности кои произлегуваат од ваквата замисла, гласно се прашувам, а ги прашувам јавно архитектите и урбанистите, дали има некој стоички, стручно и доследно да ги објасни аспектите на поимот дива градба и зошто ваквата појава треба да биде најсилно санкционирана.
Дали предлагачот на ваквото решение смета дека сите досегашни учесници во создавање на регулатива за ова прашање биле недоветни, необразовани и бездарници па еве требаше да го дочекаме токму него за да ни се случи “Еурека”? Простете, но ова е опасна игра од која сите сме губитници.
Минимум што треба да разбере предлагачот, градоначалникот Горан Герасимовски, е дека својата неефикасност или недостатокот на волја да санкционира и безмилосно да руши диви градби, не може да ја премости со идејата дека диви градби треба да бидат конфискувани. Тоа е негова законска обврска. Ваквата идеја стимулира безредие и отвара уште едно чешмиче за мито и корупција. Нека си направи со време консултации со Уставниот суд, освен ако идејата не му е само купување време.
Прост пример, ако некој утре реши диво да си изгради огромен објект на столбови среде Вардар, дали градоначалникот сака да каже дека не е проблем каде тој се наоѓа, колкав е неговиот габарит, туку чиј е објектот?
Дали е помалку важно дека таквиот објект е потенцијална опасност од поплава за градот и дека суштината е далеку поголема од простата мисла чиј ќе бил објектот?
Неподнослива леснотија со која се произведува „голема мисла” од “ малиот мозок”. Па читам уште и министерот за правда немал ништо против.
Пред да ги запоседнат фотелјите можеби е добро да поминат некоја мала вечерна школа на која некој ќе им објасни дека плановите за градење во општината, без оглед дали се детални урбанистички планови ДУП, или генерален урбанистички план, ГУП, се Устав на општината или градот според кои треба да се водат.
Ваквата„пљукни-залепи” политика која датира од времето на Груевски, но која евидентно инфицира и вон неговите редови, обландирана во незнаење и неодговорност, нас не носи на местото на еден од најнеразвиените градови во поширокиот регион. Тирана одамна не престигна, а на пат е и Приштина да го стори истото.