За два објекти коишто се планирани за отстранување во последниот месец, ни беа потребни околу 5 милиони денари за да ги оневозможиме да бидат функционални. А за да го отстраниме целите објекти потребни се неколкупати повеќе средства, вели градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски во интервју за Слободна Европа, во врска со неговата иницијатива за конфискација на дивоградби изградени на државно земјиште.
„Се соочуваме со проблем со одредени дивоградби коишто се градат на државно земјиште, во зелен појас. Иако е постапено целосно од наша страна како општина, поставени жолти ленти, пишани казни за отстранување и уривање на диво изграден објект, се соочуваме со огромни финансиски средства кои треба да ги искористиме за нивно отстранување. Нам, за два објекти коишто се планирани за отстранување во последниот месец, ни беа потребни околу 5 милиони денари за да ги оневозможиме да бидат функционални. Се соочуваме со проблем зашто ќе се урнат неколку столба од објектот, тој не е функционален, но во истиот се населуваат бездомници, создаваат дополнителни проблеми во околината, а за да го отстраниме целиот објекти потребни се неколкупати повеќе средства и претставува огромен проблем на општината и на општинскиот буџет“, вели Герасимовски.
Тој вели дека иницијатива прво да оди до ЗЕЛС, па потоа до министерствата и до владата.
„Јас дополнително, покрај доставата до ЗЕЛС, побарав и лични средби со министрите, разговарав со одредени партиски функционери коишто имаат можност дополнително да дадат ветер во грб и да успееме во овие иницијативи. Има согласност од повеќе страни, верувам дека, како што нагласив, со повеќе дебати ќе изнајдеме решение и за овој проблем со кој се соочуваме сите“, вели градоначалникот Герасимовски.