Мицкоски ветува нула персонален данок за млади до 29 години, работни места за 500 најдобри студенти и домови за млади брачни парови

Имплементација на нови политики за младите, меѓу кои и нула персонален данок за млади до 29 години, загарантиран работен однос за 500 најдобри студенти, домови за млади брачни парови и дигитализација во образованието, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на панел дискусија организирана од подмладокот на партијата.

„За 500 најдобри дипломирани студенти на универзитетите во Македонија државата мора да обезбеди загарантиран редовен работен однос, за да може да ги искористи, бидејќи вложила во нив. Да не праќаме во Западна Европа, Америка, Канада, Австралија, готов кадар, туку да си го задржиме тука без разлика од каков профил е – рече Мицкоски и ги повтори ветувањата на партијата за нула персонален данок за млади луѓе до 29 години и за домови за млади брачни парови и за дигитализација во образованието.

На панел-дискусија на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски се осврна и на политиката на партијата за семејството.

Advertisements

„За жал, стапката на фертилитет е намалена и се намалува, сѐ помалку бракови има склучено, сѐ помалку деца се раѓаат, а тоа е еден природен биолошки процес којшто мора да најдеме начин како да го стимулираме тоа. Тоа оваа влада на ДУИ, подржана од малцинскиот партнер СДСМ, не го прави. Затоа што ќе се доведеме во една ситуација кога ќе имаме многу повеќе луѓе кои што се пензионери, а помалку работоспособно население и не ќе не можеме да ја движиме Македонија напред, не ќе можеме да ја развиваме. И затоа денеска, наместо да се стимулира семејството, се отвора дебата да увезуваме работници од Бангладеш, од Пакистан, од Филипини и веќе не знам од каде. Ние како ВМРО-ДПМНЕ имаме јасна политика што се однесува до семејството и тука ќе продолжиме и во иднина, како влада, силно да работиме и да ги подржуваме младите брачни парови, да ги подржуваме семејствата“, рече Мицкоски.