МНР го откри идентитетот на загинатите Македонци во тешката сообраќајка во Италија

Министерството за надворешни работи(МНР) ја потврди смртта на тројца македонски државјани во тешката сообраќајна несреќа која се случи синоќа во италијанската провинција Асти, во градот Ница Монферато.

„Амбасадата во Рим, како и Генералниот конзулат во Венеција се во директен контакт со надлежните институции на Италија, од каде е добиена усна потврда за починатите наши државјани, како и за нивните податоци. Се работи за З.С. – 33 години од Македонска Каменица, А.К. – 31 година од селото Саса, како и В.И. – 30 години од село Пекљани, Виничко“, се вели во соопштението на МНР.

Од МНР информираат дека претставници на Конзулатот и Амбасадата веќе се во контакт со дел од семејствата на починатите, и ќе бидат на располагање за асистенција во врска со преносот на останките од Италија.

Advertisements

„Иако поради велигденските празници комуникацијата со италијанските служби се одвива забавено, нашите дипломатски претставништва остануваат во комуникација со цел прибирање дополнителни информации за деталите околу сообраќајната несреќа, податоци за починатите, како и во делот на обезбедување писмена потврда за сите детали од несреќата“, велат од МНР.

Покрај тројцата македонски државјани, во сообраќајката загина и еден италијански државјанин.