Ројтерс: Србија се согласи да достави оружје за Украина

Србија е единствената европска земја која одби да воведе санкции против Русија поради нејзината инвазија на Украина. Сепак, таа се согласи да достави оружје за Киев или веќе го испрати, наведува Ројтерс, кој се повикува на обелоденети тајни документи на Пентагон.

Документот, резиме на одговорите на европските влади на барањата на Украина за воена обука и „смртоносна помош“ или оружје, беше меѓу десетиците доверливи документи објавени на интернет во последниве недели во она што може да биде најсериозното протекување на тајни од САД во изминатите години.

Српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ во изјава ги отфрли информациите како „невистинити“.

Advertisements

„Србија нема, ниту ќе продава оружје на украинската, ниту на руската страна, ниту на земјите што го опкружуваат тој конфликт“, рече Вучевиќ.

Документот на Пентагон насловен “Europe|Response to Ongoing Russia-Ukraine Conflict”, во форма на графикон ги наведува „проценетите позиции“ на 38 европски влади како одговор на барањата на Украина за воена помош, пишува Ројтерс.