Со или без законските измени на осумте закони што се во собраниска процедура, автопатите на коридорите 8 и 10д ќе се градат, а наш интерес е да се гради побрзо и поевтино, порача денеска првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, кој воедно е и координатор за изградба на овие автопатски делници.
Доколку работната недела на работниците што ќе работат на нивната изведба биде 60 часа неделно, како што бара изведувачот „Бехтел и Енка“, додаде Груби, проектот ќе се реализира за 4,7 години и ќе чини поевтино, а доколку е 40 часа неделно ќе трае над 6 години и ќе чини поскапо. Не се работи, како што истакна Груби, за плаќање пенали доколку работното време не биде 60 часа, туку за побавна реализација на проектот.
Според него, секаде каде што работеле „Бехтел и Енка“ работната недела била 60 часа, а работниците потпишувале пишана согласност да работат толку време и им бил платен секој работен час.