Левица поднесе кривична пријава против Пендиков – предизвикува раздор и омраза и го повредува угледот на државата

Левица поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство – Охрид против Христијан Пендиков, во својство на генерален секретар на неофашистичкото здружение „Цар Борис III”, велат од партијата чиј претседател е Димитар Апасиев.

„Пендиков, во интервју емитувано на 14 февруари 2023 година, на една од најгледаните телевизии во соседна странска држава, намерно дава лажни изјави и клевети кон македонскиот народ и Република Македонија. Имено, пријавениот во контроверзното интервју, ги изнесува познатите негаторски тези на бугарскиот шовинизам дека „Македонците и Бугарите се еден исти народ”.

Со ваквата изјава, Пендиков ја изложува на подбив Република Македонија, која е конституирана и постои како национална држава на македонскиот народ. Оваа изјава е дејствие директно насочено кон разгорување национална омраза и нетрпеливост, изложувајќи ја на подбив македонската националност и оспорувајќи ја нејзината посебност и самобитност“, вели Левица.

Advertisements

Пријавениот се терети дека ги извршил следниве кривични дела:

-Повреда на угледот на Републиката – казниво по чл. 178 од КЗ;
-Излагање на подбив на македонскиот народ – казниво по чл. 179 од КЗ;
-Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа – казниво по член 319 став 1 од законот.

„Доколку се воспостави практика на несанкционирање, институционален молк и обвинителски патернализам на ваквото омаловажување и обезвреднување на основните вредноста на Република Македонија, идентитетски обележја на Македонците и чувствата на македонските Евреи, во пракса може да се предизвикаат сериозни и несогледливи штетни последици по националните интереси и безбедност во иднина“, смета Левица.