Кина сака да започне со изградба на база на Месечината за пет години, јавуваат кинеските медиуми.
Околу сто кинески научници и истражувачи неодамна се состанаа на конференција во Вухан за да разговараат за можностите за градење на Месечината.
Динг Лиејун, експерт од Кинеската академија за инженерство, изјави дека се развиваат роботи наречени „кинески супер ѕидари“ кои би можеле да произведуваат тули од почвата на Месечината, пишува Чанџијанг Дејли, пренесува Ројтерс.
„Потребна е изградба на живеалиште на Месечината за долгорочни истражувања кои секако ќе се реализираат во иднина“, рече Динг, признавајќи ги тешкотиите на тој проект на краток рок.
Роботот со задача да произведува „Месечеви тули“ ќе биде лансиран со кинеската мисија Chang’e-8 околу 2028 година, најави кинески експерт.
Тој додаде дека целта е да се донесе првиот примерок од почва од далечната страна на Месечината до 2025 година.
Кина претходно донесе примерок од почва од блиската страна на Земјиниот сателит со мисијата Chang’e-5 во 2020 година.
Пекинг сака кинеските астронаути да поминуваат повеќе време на Месечината кога таму ќе биде основана база.