Министерство за надворешни работи ја повика политичката партија ВМРО–ДПМНЕ да ги поткрепи тврдењата со некаков доказ, запис или снимка дека министерот Бујар Османи несоодветно го применил Законот за употреба на јазиците за време на средбите или прес конференцијата со министерот за надворешни работи на Кралство Шпанија, Хозе Мануел Албарез Буено.
МНР бара опозициската партија да покаже „почит кон вредностите кои ги застапуваат и јавно да се извинат за непотребното создавање конфузија во јавноста на етничка основа“.
Во продолжение реакцијата од МНР:
„Зачудува однесувањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која иако себе си се декларира како партија заштитник на конзервативните вредности, за време на одбележувањето на Велигденските празници, поточно – Велика Сабота, или Ден на длабоко молчење и покој, преку употреба на груби лаги и целосно измислени факти создава етнички тензии и поделби во општеството
Примената на Законот за јазици на сите настани што се организираат од страна на Министерството за надворешни работи, кои патем се чести, јавни, и многубројни, е секогаш соодветно имплементирана. На секој настан министерот се обраќа пред домашната јавност на двата службени јазици дефинирани според Уставот и Законот за јазици, при што Министерството обезбедува превод, соодветно достапен за присутните медиуми.
Напоменуваме дека употребата на службените јазици на Република Северна Македонија е материја која е регулирана со закон, каде прецизно е дефинирана употребата на службените јазици на земјава, и истата треба соодветно да се применува без притоа да биде предмет на политичка пресметка.
Со оглед дека настаните и прес конференциите се јавна работа, ги повикуваме ВМРО–ДПМНЕ да ги поткрепат тврдењата со некаков доказ, запис или снимка; во спротивно, да покажат почит кон вредностите кои ги застапуваат и јавно да се извинат за непотребното создавање конфузија во јавноста на етничка основа“, вели Министерство за надворешни работи.