Вкупно околу 14.000 ученици кои годинава завршуваат деветто одделение, ќе треба да се запишат во средно образование, кое законски е задолжително. И годинава, како и лани, учениците ќе треба најпрво да аплицираат електронски, преку линк до порталот за електронски услуги на Министерството за образование и наука (МОН), со специјална најава за средношколци преку сопствените кориснички сметки на Schools.mk, пишува Мета.
Првото пријавување на учениците ќе се врши на 20 јуни до полноќ, како и на 21 јуни до 15 часот.
„Минатата година кога имавме уписи, учениците требаше да ги скенираат или да ги фотографираат потребните документи, а потоа во форма на ПДФ или ЈПГ формат да ги прикачи заедно со пополнетата електронска пријава. Системот сам пресметува поени, откако ученикот ќе ги пополни сите оценки од свидетелствата. Предметите се веќе внесени, тие ги впишуваат само оценките. Потоа, кога кандидатите ќе ги донесат документите на увид, нашите членови од Комисијата за упис ќе си провери дали се документите веродостојни и дали се внесени во системот реалните оценки“, објаснува за Мета.мк Дејан Крстевски, помошник директор во средното стручно училиште „Владо Тасевски“.
Секој ученик при пополнување на пријавата за упис, треба да го внесе и својот матичен број, за да се оневозможи еден ученик да аплицира и во друго училиште.
Пријавувањето и запишувањето на учениците ќе се врши во еден уписен рок со две пријавувања во месец јуни. Ранг-листата на запишани ученици во првиот уписен рок, се објавува на 22 јуни, на е-услуги, како и на веб-страницата на МОН, најдоцна до 09 часот.