Не е време на инквизиција владико, богохулие е отровот што го пушташ – министерката Тренчевска му порача на г.Петар

Mинистерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска реагираше на својот профил на Фејсбук по велигденското послание на митрополитот преспанско-пелагониски г. Петар во кое тој ја критикуваше борбата за родова еднаквост и еманципацијата на жената.

„Жената не бара повеќе права, бара исти права и исти можности како и мажите. Ама Владико тоа ти со твоите ретроградни ставови, со понижувањата и омаловажувањата кон жената не можеш да го разбереш. Богохулие е отровот што го пушташ и со кој навредуваш и понижуваш 51% од популацијата. Не си ги разбрал поимите, но и времето во кое живееме. Не е време на инквизиција, Владико. Живееме во демократија. Во време кога можеби не секоја жена е гласна, храбра, но оние гласните и храбри се борат за родова еднаквост. За своите права и правата на секоја друга жена. За правата на секој поединец во општеството“, порача министерката Тренчевска.

Владиката Петар предизвика реакции затоа што во своето обраќање до верниците во чест на Велигден, рече дека „во минатите векови, до феминизмот и еманципацијата на жената, таа била сопруга, мајка и домаќинка, а денес таа е високоеманципирана со забележителни позиции во општеството, но често и разведена и самохрана мајка“.

Advertisements

„На нашето општество молскавично му се заканува уште поопасна, попогубна и поотровна идеологија – родовата еднаквост! Оваа идеологија, односно манипулативна терминологија е богохулна, противприродна, изопачена, Господ ги создаде машко и женско и се друго изменето, поинакво и поразлично од божјото создание е ненормално, а со тоа и неприфатливо. Кога некој бара поголеми права, треба да биде свесен и подготвен, а и способен да извршува повеќе и поголеми должности, а за тоа треба дури и да се одречеме од себеси, да живееме и да се трудиме за општото добро, за повисоки цели и идеали и да ги исполнуваме општоприфатените начела за етика и морал“, рече митрополитот преспанско-пелагониски.

.