Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) објави оглас за вработување работници кои ќе работат на изградбата на четирите автопати на коридорите 8 и 10д.
Предвидено е да се вработат 28 работници со основни плати од 29.866 денари до 70.052 денари, а ќе бидат вработени во јавното претпријатие до завршување на проектот, односно до 22.1.2028 година.
Овие плати се за 40-часовна работна недела.
Највисока основна плата, 70.052 денара, се нуди за помошник на главниот координатор, а најниските плати од 29.866 денари се за двајца администратори и двајца возачи. На огласот се бараат и еден координатор на единицата за подготовка на проектот со плата од 60.005 денари; четворица специјалисти за експропријација со плата од 45.045 денари; еден преведувач за 45.045 денари; еден известувач за проектот, кој ќе добива 45.045 денари месечно; еден координатор на единицата за техничка изведба со плата од 65.029 денари; петмина специјалисти за инвестиции и градба на патишта, кои ќе добиваат по 55.037 денари плата; еден специјалист за урбанистичко-планска документација со основна плата од 55.037 денари; двајца специјалисти за подготовка, изработка и следење на проектна документација со плата од 55.037 денари; еден специјалист за геодетски работи, кој ќе добива 55.037 денари; двајца специјалисти за животна средина за 55.037 денари; тројца специјалисти за електроенергетски објекти, кои ќе добиваат по 55.037 денари; и еден специјалист за сообраќајна сигнализација за кој основната плата е 55.037 денари.
Заинтересираните за отворените работни места може да се пријавуваат до 25 април, до кога ќе биде отворен огласот.