Анестезиологот кој снимаше пациентки на работа одел под дејство на дрога, немало кој да го казни

Министерот за здравство, Фатмир Меџити, изјави  дека според негови информации уапсениот анестезиолог од тетовската болница, кој беше приведен откако снимал и емитувал пациенти во живо на тик ток, се појавувал на работа под дејство на наркотици, пишува Фокус.

И покрај сите овие недозволени работи што се случувале во болницата никој не реагирал, ниту презел какви било мерки.

„Јас добив непотврдена информација за претходно несовесно однесување на лекарот од Тетово, но немаше ништо запишано и претходно не била покрената никаква постапка, дисциплинска или каква било друга“, изјави Меџити кој поради овој случај го разреши економскиот директор на тетовската болница.

Advertisements

Меџити вели дека анестезиологот бил толериран од болницата и најави дека лиценцата ќе му биде одземена за седум години, а откако ќе заврши судскиот процес против него, може и доживотно да остане без неа.

„Немало ниту дисциплинска комисија во таа болница. Не знам зошто. Отсега натаму во Министерството за здравство и со мојот тим, работите веќе нема вака да продолжат. Ќе се решат во ист момент проблемите и најстрого ќе се санкционираат. Поранешниот организациски директор не бил на работа кога се случило тоа и немал редовен работен однос. Веднаш го разрешив. Денес или утре ќе има нов организациски директор. Жалам што тој настан се случи“, вели Меџити.