Д-р Злате Мехмедовиќ од Комисијата за заштита од заразни болести во изјава за ТВ Канал 5, откако излегоа информации дека во Словенија е детектиран нов сој на коронавирус, вели дека новите подваријанти не значат епидемија или ескалација на состојбата.
Во Македонија засега не е утврдено присуство на новиот коронавирус.
Мехмедовиќ вели дека допрва ќе се секвенционираат и анализираат примероци во Институтот за јавно здравје, но маските засега нема да се вратат.
Симптомите на овој сој се чешање, коњуктивитис и високи температури. Сепак, досега не се евидентирани сериозни компликации. Овој сој побрзо се шири, пишуваат хрватските медиуми.
Податоците од Националната здравствена лабораторија во Словенија покажаа дека меѓу примероците позитивни на коронавирус, кои се секвенционираа помеѓу 24 март и 7 април, потврдиле Нова омикронска подваријанта XBB.1
Сојот го има во најмалку 24 држави – во Индија за еден ден има над 3.000 нови случаи, нагло зголемување на заразени е забележано и во САД, Канада, Сингапур, Австралија и Јапонија. Сојот е пронајден и во Данска, Германија, Шпанија, Холандија, Шведска и Италија.
Здравствените работници смируваат – арктурус е подваријанта на омикрон и нема простор за паника или загриженост.
Од Светската здравствена организација препорачуваа да се следи ширењето со оглед на тоа што се покажува дека новиот сој е многу позаразен.