Британската издавачка куќа „Лин рекордс“ го објави новиот албум на Симон Трпчески насловен „Пријателство“ (Friendship), кој веќе е достапен на дигиталните платформи. На него се наоѓаат Квартетот за пијано бр. 3 во Ц-мол од Брамс, новиот аранжман за „Дивертименто“ на Конесон и Квинтетот во три става од Панде Шахов.
„Многу сум горд на овој албум бидејќи е реализиран во тежок и предизвикувачки период како за нас и човештвото, така и за моите колеги со кои го снимавме. Ова е мојот прв албум посветен на камерната музика и втор снимен во пандемијата. Францускиот композитор Гијом Конесон му даде специјална дозвола на нашиот перкусионист Влатко Нушев да направи нов аранжман за неговиот секстет „Дивертименто“, на кој се приклучи и феноменалниот виолист Сорин Спасинович од Романија, кој е по потекло од Тетово. Главниот стожер на овој албум е Третиот квартет на Јоханес Брамс, што изобилува со драма и интензитет на емоции и го содржи еден од најубавите ставови што Брамс воопшто ги има напишано“, изјави Трпчески за Македонското радио.
Трпчески во моментов е во САД, каде што го очекува серија концерти, што ќе стартува во Денвер, а потоа има настапи во Сараево, Целје, Билбао и Женева.