Претседателката на Косово, Вјоса Османи, пред почетокот на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Тирана, изјави дека до крајот на оваа година ќе ги информира лидерите на ЕУ и на Западен Балкан за поднесувањето на барањето на Косово за кандидатски статус за ЕУ и дека ја очекува нивната поддршка.
Таа беше меѓу првите гости кои пристигнаа на Самитот ЕУ-Западен Балкан, каде што беше пречекана од премиерот на Албанија, Еди Рама.
Таа на новинарите им рече дека очекува ЕУ да премине од зборови на дела во однос на визната либерализација.
„Среќна сум што сум на овој самит. Јас сум тука како лидер на најпроевропската земја и во тој поглед покажавме дека се усогласивме со сите политики на ЕУ. Унијата мора да премине од зборови на дела кога станува збор за визната либерализација. На крајот на оваа година Косово ќе аплицира за членство во ЕУ и очекуваме поддршка од сите“, рече Османи.
Таа додаде дека за разлика од Србија, Косово е „најпроевропската земја“.
„Тука сум како лидер на една од најпроевропските земји. Тоа го покажавме со нашите постапки кога станува збор за проевропските акции. Ја осудивме руската агресија. Ни треба ЕУ да премине од зборови на дела, како што е визната либерализација за ЕУ. Ова е средба меѓу ЕУ и Западен Балкан, а не преговори меѓу Косово и Србија. Процесот во кој веруваме е взаемно признавање. Ќе лобираме да продолжиме напред за да ги пренесеме силните пораки на Западен Балкан. Или сте на страната на Русија или на страната на Украина и тоа треба да се смета. Тоа е сигнал дека ЕУ ќе испрати јасна порака до Западен Балкан. Вучиќ е продолжение на стариот начин на размислување. Она што Косово го покажува деновиве е спротивно од она што го покажува Вучиќ, подавајќи ја раката за дијалог иако не се извинија за злосторствата“, изјави Османи.