Обвинителката Ристоска го крена гласот против клиентелизмот во Советот на јавни обвинители

Обвинителката Ленче Ристоска предлага Советот на јавни обвинители да се реформира и да се разгледа опцијата да биде ад хок тело кое ќе се состанува по потреба, пренесе Телма ТВ.

Нејзиниот предлог таа го образложи со тоа што, според неа ова тело од формирањето во 2008 досега потфрли во исполнувањето на примарната функција, професионализација на ЈО и изолирање на политички и други влијанија при избори и разрешување на обвинителите.

„Сè додека членови на Советот на кандидатите што аплицираат за повисоки позиции отворено им кажуваат дека некој треба да се јави за кандидатот да биде избран, јасно е дека Советот е избор на тргување со влијание во обвинителството и затоа сметам дека треба да се реформира. Подоцна изборот што Советот го прави, креира клиентелистички однос на јавните обвинители кон тие што лобираат за нивниот избор и сето ова неминовно води кон систем што не може да одговори во борбата со корупцијата и организираниот криминал“, вели Ристоска.

Advertisements

Таа, како што јави Телма, потсети дека повеќе пати се случувало изборите на обвинители да бидат одложувани без конкретно образложение за причините, поради што создава впечаток во јавноста дека изборот не е слободен.

Обвинителката говореше на конференција посветена на улогата на Судскиот и Советот на јавни обвинители во стекнувањето независност и интегритет во судството, организирана од Националната конвенција за ЕУ во Македонија.