Фрапантно истражување на Шанса за центар – 10 години се инвестирало само во Дебар Маало

Граѓанската иницијатива Шанса за Центар направи истражување според кое градоначалниците на Центар се грижеле само да има инфраструктурни вложувања во Дебар Маало, додека некои делови од општината, како кај Калето или лево од Клиничкиот центар, со години се запоставени.

„Не е исто да шеташ по добар тротоар и по патека со извадени плочки. Не е исто да возиш велосипед или автомобил по осветлена и мазна улица и по темна улица полна со дупки. Инфраструктура е збор кој делува апстрактно, но e содржана во она што го нарекуваме квалитет на живот“, велат од Шанса за Центар, кои  изработија мапа на реконструирани улици во Центар, во последните години.

Според истражувањето, десет години градоначалниците на Општина Центар реконструираат улици во Дебар маало, каде се вложени повеќе од 4,4 милиони евра, додека уличките кај Клинички центар, до Министерството за внатрешни работи, како и оние околу Калето, кои се под надлежност на Општината, се заборавени.

Вложувањето во инфраструктурата, потсетуваат од граѓанската иницијатива, е еден од најголемите трошоци од буџетот кој се полни од парите за комуналиите од градежните дозволи. Оттука, многу е важно тој да се троши така што ќе се обезбеди рамномерен развој и сите да ги чувствуваат придобивките од тие инвестиции.

Од Шанса за Центар велат дека се обиделе да дојдат до што поцелосна слика за инвестициите преку мапирање на сите електронски договори за јавни набавки од 2012 година досега вкрстувајќи ги со податоци објавени во медиумите.

„На мапата што ја споделуваме со јавноста, се гледа дека најголем приоритет за центарските градоначалници во последните 10 години е Дебар Маало. Таму се извршени зафати во вредност од над 4,4 милиони евра што е далеку повеќе од било кој друг дел на општината.

Најзапоставен дел пак во оваа смисла е подрачјето меѓу Клинички центар и објектот на Министерството за внатрешни работи. За таму не пронајдовме ниту еден договор за инфраструктурни зафати во последната декада. Не е за потценување ниту реонот на Кале каде за 10 години е обновена само една улица во вредност од 56 илјади евра.

Податок кој предизвикува внимание е и тоа што во последните 10 години на првичните договори за инфраструктурни зафати се склучени анекси во вкупен износ од над 800 илјади евра“, наведуваат од Шанса за Центар и нагласуваат дека преку своите советници и натаму ќе се залагаат за рамномерен развој и право на секој жител на квалитетен живот што ќе направи тој да се чувствува достоинствено во сопствената општина.