Заев беше опуштен и весел подалеку од тешките премиерски обврски што ги имаше додека постојано се занимаваше со политика, вака го опишува грчкиот портал „Вориа“ поранешниот македонски премиер Зоран Заев кој заедно со поранешниот министер за здравство Венко Филипче, пристигнал на „Делфи форумот“ во Грција на мотоцикл од 1 600 кубици.
Порталот пренесува дека Заев им изјавил дека на 22 април тргнл од Скопје управувајќи го својот голем мотоцикл. Пред да стигне во Делфи, поминал низ области на западна Грција, а потоа отпатувал за Пелопонез. Се очекува да говори на „8-от Делфи економски форум“.
Како што изјавил за Voria.gr, по Делфи, Заев ќе го продолжи патувањето за Солун, а се очекува да замине на Халкидики каде, како што е познато, има викендица.
На прашањето дали за време на посетите на Грција се среќава со луѓе кои сè уште се против Договорот од Преспа, тој рекол дека многу Грци му велат дека се за Договорот, додека други му велат:
„Не ми се допаѓа Договорот, но ми се допаѓаш ти затоа што си добар човек“.