Експертите погрешно го толкуваат разрешувањето на Дамева, има правна дупка – Селим Адеми

Во закон не е предвидено како се разрешува и дали може да се разреши претседател на Судски совет, но се што не е забрането со Устав и со закон е дозволено, вели во интервју за „Порталб“ заменик-претседателот на Судски совет, Селим Адеми кој во средата ја разреши претседателката Весна Дамева.

„Се согласувам со она што го кажаа експертите, дека прашањето околу разрешување на претседател на Судски совет треба да се регулира“, вели Адеми.

Според него, Законот ја регулира процедурата за избор на претседател која налага дека мора да биде избран со осум гласа, но не и со колку се разрешува.

„Во советот имавме мнозинство и беше гласано седум спрема пет. Советот брои 13 членови, плус два чена без право на глас, но Законот се однесува на 13 членови кои имаат право на глас, значи седум е мнозинството во секоја одлука на Судскиот совет, доколку со закон не е предвидена друга процедура. Значи претседател се бира со осуммина, но со Законот не е регулирано со колку се разрешува и тука е правната дупка. Никаде не пишува дека ако те избираат со осум гласа и те разрешуваат со осум гласа. Добро би било Комисијата за реформи во Министерството за правда да го регулира ова прашање“, вели Адеми.

Тој вели дека експертите погрешно го толкуваат разрешувањето на Дамева.

„Експертите погрешно толкуваат. Таму пишува дека со осум гласа се разрешува член на Судскиот совет, но Весна Дамева не е разрешена од функцијата член на Судскиот совет, таа продолжува да биде член, таа е разрешена од функцијата претседател“, вели Адеми.

Седницата за избор на нов претседател на Судскиот совет е закажана за 2 мај.