Милан Милошевиќ од Белград, чија ќерка била на истиот час со напаѓачот кој денеска уби осум сооченици и која во последен момент избегнала да биде погодена од куршум, на новинарите им раскажа за драмата што се случила во самата училница.
-Ќерката ни кажа дека ја гледал во очи и пукал на другата страна, а таа се наведнала и истрчала надвор, па отишла да ја бара помалата сестра во второ одделение. Момчето кое истрчало пред неа било застрелано во ногата. Колку повеќе време минува, толку повеќе ја сфаќаме големината на оваа трагедија. Не знам што да кажам, ова не е во духот на нашето општество, но и интернетот… – изјави Милошевиќ, кој прво не знаел што се случува, но човекот од киоскот му рекол дека некој го застрелал наставникот по историја.
Тој имал однапред испланирано сценарио и список на сите што сакал да ги убие. За жал, тој успеа да реализира голем, прекумерен дел од својот план со масакр што не се памети не во Белград или Србија, туку во овој дел од Европа.
Според српските медиуми, сторителот се уште нема 14 години, што значи дека не може кривично да одговара за ова дело. Многумина се прашуваат дали и тоа било дел од неговиот план, со оглед на тоа што тој нема да наполни 14 години до 30 јули. Извори од полицијата, пак, наведуваат дека тој во разговорот со истражителите не покажал ни трошка каење, а кога го прашале дали е свесен што направил, тој одговорил: „Јас направив , убив најмалку осум луѓе, а најмногу 25“.