Поголемиот дел од родителите на децата кои одат во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Врачар, Белград каде на 3 мај Коста К. уби осум ученици и училишен чувар, од среда, како што е најавено, нема да ги пуштат своите деца на училиште бидејќи сметаат дека тоа е премногу рано, рече Војин Шаљиќ, татко на прваче од тоа училиште, а пренесува Нова.рс.
Тој го соопшти ставот на мнозинството членови на Советот на родители на тоа училиште, кој се одржа вечерва, а по одлуката на Министерството за образование од утре децата од 1 до 4 одделение да се вратат во дневен престој, а учениците од другите одделенија на часови од среда.
„Моето дете е прво одделение и во средата беше на смена кога се случи тој настан. Децата брзо беа изнесени од училиштето во присуство на полицијата, дел од нив беа повредени, се собраа заедно на Цветниот плоштад и таму децата си ги разменија сите информации, па знаат и најмалите што се случило,” вели родителот.
На прашање на новинарката што знае неговото дете за трагедијата во училиште, тој вели:
„Кога дојдов да го земам моето дете, по пат ги земав децата чии родители не можеа толку брзо да стигнат, веднаш имаа информација дека е убиен чуварот и дека се убиени уште две деца. Веднаш знаеја и разговараа за тоа кога се вратија дома“, вели овој татко.
Тој додаде дека го смирил своето дете, и дека во моментов нема проблем, но она што е најголем страв на сите родители е враќањето кое се најавува во среда. Значи, детето кое во придружба на полицијата излегло низ тој влез на 3 мај, сега треба да се врати на истиот влез, да ги помине сите тие исти слики.
„Мислам дека тоа не е решението. Тоа не го разбираат ниту претставниците на Министерството кои денеска беа на состанокот, ниту претставниците на здравствените установи“, рече Шаљиќ и истакна дека „речиси 60 отсто од родителите зазеле став дека децата нема да се вратат во таа зграда од среда и бараат реконструкција на таа зграда, преуредување за да децата не ја доживеат повторно таа траума“, посочи тој.
Според неговите зборови, постои договор заедницата да се интегрира во една целина, да се почне со групна работа, да се собере одделението, да се преселиме од тоа место на настани, додека училиштето се реновира.
Шаљиќ додаде дека аргументот на претставниците на Министерството за образование е дека треба да дојдат во среда, дека ќе има психолози за да разговараат со нив и дека треба да се соочат со реалноста.
„Тие изразија јасен став дека враќањето на училиште е неопходно, со што не се согласуваме“, повтори Војин Шаљиќ, родител на ОУ „Владислав Рибникар“.