Во Србија почнува предавањето на нелегално оружје, нема санкции ако се предаде до 8 јуни

Од денеска во Србија секој кој поседува нелегално оружје ќе може без санкции до 8 јуни да го предаде во најблиската полициска станица.

По двете трагедии во Србија во кои за само два дена загинаа 17 лица, главно деца и млади, државата организираше акција за предавање на нелегалното оружје.

Повикот е за секаков вид оружје, автоматско оружје како и секакви други, мини-експлозивни направи, делови од оружје и муниција што нелегално ги држат граѓаните.

Српскиот претседател Александар Вучиќ во неделата изјави дека очекува одговорност од граѓаните и побара од нив да не го кријат и фрлаат оружјето, туку да го предадат на полицијата.

Студијата на швајцарски истражувачки центар во 2018 година ја стави Србија на третото место по бројот на оружје во рацете на цивилите, веднаш под САД и Јемен.

Вучиќ го спомена и големиот број оружје во рацете на граѓаните.