Српската министерката за здравство д-р Даница Грујичиќ денеска порача дека треба сите заедно како општество да се обидеме да ги укинеме социјалните мрежи на одреден период и да видиме каков ќе биде резултатот.
По две страшни трагедии кои ја втурнаа Србија во мрак и огромна тага, министерката го даде овој предлог за да се „исчистат“ умовите на децата и да се вратат во нормален живот, пишува порталот Блиц.
„Мојот предлог до општеството е еден месец да се обидеме да го укинеме Тик Ток и другите социјални мрежи, за децата да се ресетираат и да се одморат од сè. Па, да видиме каков ќе биде резултатот“, рече министерката за здравство.
Неколку деца деновиве беа приведени на информативен разговор затоа што јавно се заканија дека ќе направат сличен масакр како оној што се случи на 3 мај во основното училиште „Владислав Рибникар“, или пак го величеа злосторството што беше извршено.