Српска актерка за влакно ја избегнала трагедијата – убиецот го видела од тераса и со викање ги предупредила станарите

Српската актерка Аница Петровиќ, која живее и работи во Нови Сад, вчера од тераса видела маж со пиштол пред зградата и ги предупредила соседите да не излегуваат надвор. Таа сè уште е во шок бидејќи одлуката да се напие кафе пред да оди на солариум, каде што се случи убиството, можеби ѝ го спасила животот, пишува „Нова.рс“.

Аница живее во зграда во близина на местото на страшното злосторство што се случи вчера кога В. Р. (34) провали во козметички салон на улицата Јована Суботиќ и ја застрела поранешната девојка (26), која починала на самото место по што и тој се самоуби.

Слушнала истрел, но првин помислила дека е петарда. Меѓутоа, кога ги слушнала сирените на брзата помош и полицијата, повеќе немало дилема.

Advertisements

„Од терасата на мојот стан во тој момент здогледав човек со пиштол и ги молев соседите што живеат во мојата зграда, а тие требаше да излезат од неа, да се вратат во својот стан бидејќи нешто се случува“, изјави Аница.

Таа вели дека нејзиниот план тоа утро бил да оди во тој салон за да закаже термин за солариум.

„Решив првин да се напијам кафе, а потоа да се симнам долу, но потоа слушнав пукање. Се надевав дека се петарди, но се чувствував нелагодно со сирените и со сè што се случуваше изминативе денови, не знаев дали тој некој е фатен или сè уште се шета и пука во луѓе“, вели Аница.