Можеби не е лоша идеја сите колеги од Клиничкиот центар кога ќе наполнат 64 години, да им се продолжува договорот за работа до 67 години, само ако потпишат изјава дека во тие три години секоја работна недела ќе поминуваат 2-3 дена во некој од Медицинските центри низ Републиката, вели д-р Нико Беќаровски.
Тој смета дека на овој начин делумно ќе се супституира недостатокот на доктори од една страна кој е алармантен во сите градови вон Скопје, а и неговите колеги во овие центри, како што вели, ќе имаат од кого да научат и да се советуваат.
„Денес успеав да го изгледам петочното интервју на министерот Фатмир Меџити и морам да признаам дека не паметам кога последен пат размислувањата на некој министер биле толку блиски со моите, посебно за спојувањето на Клинички центар во една организациона единица и децентрализација на кадарот од Скопје. Да се надеваме дека ќе успее заедно со сите нас да ги оствари“, вели д-р Беќаровски на Фејсбук.