Народната банка во април регистрира годишен раст од 8,6 проценти на вкупните депозити и од 6,3 проценти на вкупната кредитна поддршка.
Анализирано на годишно ниво, вкупните депозити се зголемени за 8,6 проценти, како резултат на растот на депозитите на двата сектора, со поизразен придонес на секторот домаќинства.
Годишниот пораст на кредитите од 6,3 проценти е резултат на повисокото кредитирање на двата сектора, со поизразен придонес на секторот домаќинства, информира Народната банка.
Кредитите на домаќинствата, во април, се повисоки за 0,4 проценти и 6,7 проценти, на месечна и годишна основа, соодветно.
Растот по двете основи, е резултат на зголемените кредити во денари и во странска валута, со поголем придонес на кредитите во странска валута.
Во април годинава гледано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, потрошувачките и станбените кредити, како најзастапени категории, бележат месечен раст од 0,4 проценти и 0,5 проценти, соодветно, при годишен раст од 6,2 проценти и 11,2 проценти, соодветно.
Автомобилските кредити, во април, се намалени за 1,9 проценти на месечна основа, додека на годишна основа се зголемени за 3 проценти.
Кредитите одобрени на кредитни картички остварија месечен пад од 0,2 проценти, а на годишно ниво се непроменети.
Негативните салда на тековни сметки забележаа месечно зголемување од 0,1 процент, при годишен раст од 1,5 проценти.
Кредитите одобрени врз други основи, во април, се пониски за 2,1 процент и 15,9 проценти на месечна и годишна основа, соодветно.
Вкупните депозити, во април, остварија раст од 1,3% на месечна основа, којшто се должи на зголемените депозити на двата сектора, со поголем придонес на корпоративниот сектор. Анализирано на годишно ниво, вкупните депозити се зголемени за 8,6%, како резултат на растот на депозитите на двата сектора, со поизразен придонес на секторот „домаќинства“.
Во април 2023 година, вкупните депозити на корпоративниот сектор остварија месечен раст од 2,5%, во поголем дел поради повисоките краткорочни депозити во странска валута и депозитните пари, при помал позитивен придонес на долгорочните депозити во денари и во странска валута, во услови на забележан пад на краткорочните депозити во денари. На годишна основа, депозитите на корпоративниот сектор се зголемени за 12,0%, во поголем дел поради растот на депозитните пари и краткорочните депозити во странска валута, при позитивно влијание и на останатите компоненти.
Во април 2023 година, депозитите на домаќинствата забележаа месечно зголемување од 0,8%, во најголем дел поради растот на депозитните пари, како и долгорочните депозити во денари и во странска валута, а во помал дел и поради краткорочните депозити во денари, во услови на забележан пад на краткорочните депозити во странска валута. Во однос на април претходната година, депозитите на домаќинствата остварија раст од 8,3%, којшто во поголем дел се должи на зголемените депозитни пари, при дополнителен позитивен придонес и на долгорочните депозити во странска валута и во денари и на краткорочните депозити во странска валута.