Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – примање поткуп казниво согласно член 357 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
„Осомничениот 42-годишник, со пријавено место на живеење во струмичко Ново Село, но вработен како службено лице – раководител на сектор во АД Водостопанство на РСМ во државна сопственост – Скопје, во периодот од 01.12.2022 година до 19.05.2023 година, за себе примил подарок – парични средства од поголема вредност за да изврши службено дејствие што не би смеел да го изврши“, информира Обвинителството.
Од оштетено лице од Крива Паланка тој побарал и примил вкупно 6.000 евра во денарска противвредност со цел спротивно на пропишаната постапка да овозможи изготвување на потребната техничка документација за добивање дозвола за вадење песок, чакал и камен од бреговите и коритата на површинските водни тела за едно правно лице, вели Обвинителството.
Парите ги примил во два наврати. Најпрво во декември 2022 во угостителски објект во Автокоманда оштетениот му исплатил на осомничениот 3.000 евра. Потоа на 16 мај годинава осомничениот му побарал уште 3.000 евра. Оштетениот го пријавил барањето за поткуп, банкнотите биле криминалистички обработени и по примопредавањето во текот на вчерашниот ден во населба Илинден осомничениот бил лишен од слобода, а кај него биле пронајдени обележаните 30 банкноти во апоени од по 100 евра.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор, поради опасност од бегство на осомниченото лице, можност тој да го искористи своето службено својство за да влијае врз постапката преку заплашување, уценување или договарање со сведокот-оштетен, како и веројатност да го повтори делото за кое е осомничен.