Македонски мултидисциплинарен тим од медицинскиот и природно-математичкиот факултет, предводен од д-р Владимир Рендевски, неврохирург, ја освои првата награда на 62-риот Интернационален медицински научен конгрес за НЕУРОНАУКА ,,MIND AND BRAIN”, во Пула.
Македонскиот тим се претставил со интерактивен математички софтверски пакет за предвидување на веројатноста за смртност, кај пациентите со хеморагичен мозочен удар.
Студијата е базирана на мерење на биохемиски, радиолошки и клинички варијабли. Сензитивноста на методата е 88%.
„Изработивме прогностичка математичка формула која претпоставува интрахоспитален морталитет кај пациентите со хеморагичен мозочен удар базиран на различни параметри, вклучувајќи биохемиски, радиолошки и клинички варијабли. Заедно со тоа, создадовме апликативен софтверски пакет кој овозможува едноставно предвидување на клиничките исходи”, изјави д-р Владимир Рендевски, неврохирург и дел од истражувачкиот тим, пренесе 24 Вести.
Според овој модел, методот е со сензитивност од 88 проценти, што ќе биде од голема корист за неврохирурзите и невролозите кои се соочуваат со дилеми околу третманот на овие пациенти, дали да изберат медикаментозен третман или операција. За да се имплементира во пракса во здравствените установи, потребни се инвестиции од страна на здравствените власти.
„Како држава, треба да вложуваме повеќе во науката, бидејќи овие истражувања бараат и скапи лабораториски апарати и биохемиски агенси. Соодветна поддршка од државата е неопходна за да бидеме конкурентни и да ги третираме овие итно загрозувачки пациенти на адекватен начин”, изјави д-р Рендевски.