Србија е најголем пријател на Македонија, САД најмногу придонеле за демократијата – анкета на Преспа институтот

САД најмногу имаат придонесено за демократскиот развој на Македонија, ЕУ е прва за економскиот прогрес на земјата, додека Србија, граѓаните ја гледаат како најпријателска држава, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење на Преспа институтот спроведено во април и мај.

Во истражувањето биле анкетирани 1. 500 испитаници од кои 24,2 отсто рекле дека САД најмногу придонела за демократијата во Македонија, 21,2 проценти одговориле дека ЕУ е најодговорна за економскиот развој, додека дури 45,3 отсто ја сметаат Србија за најголем пријател, а само 6,8 отсто тоа го кажале за САД.

Србија е на прво место и на прашањето „со која држава Северна Македонија споделува најмногу вредности или интереси“ со поддршка од 62,8 отсто, Албанија е втора со 14,9 проценти, па Косово со 2,8. За три години перцепцијата за Србија кај македонските граѓани бележи пораст од околу 30 отсто.

Advertisements

Во 2020 година, на пример, само 14 отсто од испитаниците сметале дека таа е најпријателска земја. Во 2022, пак, тој процент изнесувал 38,6 отсто. Причина за ваквите резултати на анкетата би можело да биде ковид-периодот, кога оваа држава ни донираше вакцини, додека годинава улога одиграло решавањето на црковното прашање, сметаат истражувачите.

За Бугарија се произнеле 1,5 проценти од испитаниците.

Во однос на прашањето за Русија, анкетата покажува дека има пад во споредба со другите години – само 1,1 отсто од испитаниците одговориле дека оваа земја ја сметаат за најголем пријател, што е двојно помалку од лани кога тој процент изнесувал 2,2 отсто.

Анкетата покажа дека на референдум за влегување во ЕУ сега би гласале 61 отсто од граѓаните, а против 30 отсто, што е највисоко „против“ откако се мери поддршката за ЕУ.

Само 32 отсто од граѓаните би ги поддржале уставните реформи со кои треба да се отвори пат за ЕУ,  а 45 отсто се против.

Од тие, пак, што бараат друга алтернатива место ЕУ, најголемиот број (49 отсто) како причина ја навеле блокадата на евроинтеграцијата, 27 отсто недостигот на реформи,а останатите очекувањето дека  ЕУ  ќе најде нешто друго за да го забави процесот.  На прашањето на кои странски медиуми што известуваат за Македонија или за геополитика им веруваат најмногу граѓани ги посочиле медиумите во Србија.

На пршање која држава најмногу придонела за економскиот развој на Македонија, покрај ЕУ и  САД  е Србија. Германија со 10,4 отсто е зад Србија.

Лани, Германија била прва (26,8 отсто) според бројот на граѓани кои сметале дека придонела најмногу за економскиот развој на Македонија, а трета (11,3) во однос на перцепцијата за придонесот во демократскиот развој.