Ако Македонија избере друг пат, тоа ќе се одрази на односите со САД – сенаторот Крис Марфи повика да се гласа за уставни измени

Премиерот Димитар Ковачевски денеска, во Владата се сретна со американскиот сенатор Крис Марфи, со кого по одржување на билатералната средба одржаа заедничка прес-конференција

Сенаторот Крис Марфи, ги повика пратениците да гласаат за уставните измени, за да ја отворат можноста за членството на земјата во ЕУ.

„Во време кога Русија е сериозна закана за НАТО алијансата, но и за европските демократии, уставните измени се можност за Северна Македонија да се приклучи кон Европската унија (ЕУ), порача денеска сенаторот Марфи.

Advertisements

Тој во име на САД ги повика пратениците да гласаат за уставните измени и да ја искористат можноста за влез во ЕУ, додавајќи дека во спротивно, неусвојување на промената на Уставот ќе се одрази и на односите на  Македонија со САД.

„Сакам да бидам јасен за влијанието врз односите со САД ако С Македонија избере друг пат – ако се реши против уставни измени, ако заталка од патот кон ЕУ. Тоа би било загрижувачки за една членка на НАТО, земја за која се обврзавме дека ќе ја браниме врз основа на заедничките вредности. Ние сме пријатели, никогаш нема да престанеме да бидеме пријатели и партнери, но лидерите во САД го набљудуваат изборот што ќе биде направен тука во следниве неколку месеци“, изјави Марфи по денешната средба во Владата со премиерот Димитар Ковачевски.

Промената на македонскиот Устав со вметнување на Бугарите во Преамбулата е услов за продолжување на преговорите на земјава за членство во Европската унија (ЕУ). Уставот може да се измени со двотретинско мнозинство.

„Навистина знам дека беше долг патот кон ЕУ. Знам и дека многумина го поставуваат прашањето дали ЕУ е вистинската можност. Тука сум да ви кажам дека е. Многу луѓе го кажуваа истото и за НАТО – дека С Македонија никогаш нема да добие покана од НАТО. Но, вие ги преземавте потребните тешки чекори за да ја овозможите таа покана – потпишавте историски договор којшто ја овозможи таа покана. Денес С Македонија е членка на НАТО-алијансата. А, сега има слични чекори кои треба да бидат преземени со цел да се приклучите кон ЕУ“, вели американскиот сенатор.

Премиерот Ковачевски денеска рече дека на патот кон ЕУ ќе претстојат „тешки и храбри одлуки“, но дека е одлучен во намерата земјата да ја продолжи европската интеграција и дека му е важна поддршката за тоа од САД.

„Одлуката која е пред нас, не е одлука на еден човек, не е одлука на една Влада и не е одлука на една политичка партија. Ова е одлука на сите политички актери во државата. Ние мора да им обезбедиме на нашите граѓани да живеат во држава членка на Европската унија. Нашата држава потекнува од поранешната југословенска федерација, во тоа време имавме поголем стандард и од Словачка и од Чешка, од Романија и од Полска и од Бугарија и од сите земји кои станаа членки на ЕУ. Јас ќе ги донесам сите потребни одлуки кои ќе обезбедат граѓаните на Северна Македонија повторно да имаат поголем стандард од сите граѓани од коишто порано сме имале поголем стандард“, рече Ковачевски