(ВИДЕО) Пендаровски си легна на брашното – ќе ги потпише указите на законите за „Бехтел и Енка“

Претседателот Стево Пендаровски ќе го потпише указот на Законот за измена и дополнување на Законот за работни односи кој се однесува на изградбата на коридорите 8 и 10 Д, како и останатите четири закони поврзани со „Бехтел и Енка“.

„Донесов одлука да го потпишам указот за овој закон и за останатите четири закони, откако се консултирав со поранешни судии на Уставниот суд и со моите советници“, рече претседателот Стево Пендаровски.

Првиот е закон за изменување на Законот за работни односи, потоа Законот за експропријација, Законот за градење, Законот за урбанистичко планирање и Законот за утврдување на јавниот интерес и номинирање на стратешки партнер за изградба на коридорите.

Advertisements

Пендаровски информира дека изминатиот петок ги примил петте закони за изменување и дополнување на законите поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10Д.

„Изминатите денови направив низа консултации и во однос на уставноста на новиот текст на законот со експерти од областа на трудовото право, поранешни судии на Уставен и со советниците од мојот кабинет. По сумирањето на различните мислења донесов одлука да го потпишам указот за прогласување на овој закон и за останатите четири закони. Имајќи ги предвид приговорите на дел од синдикатите, граѓанските здруженија и на некои политички партии, укажувам дека секоја заинтересирана страна има право да поднесе иницијатива за оценка на уставноста на секој закон, вклучително и на овој. Уставниот суд е единствената институција во нашиот правен поредок која го дава последниот збор во однос на уставноста на законите. Уставниот суд има на располагање и механизми со кои може брзо и ефикасно да донесе одлука ако така сметаат судиите“, изјави Пендаровски попладнево.

Тој понатаму  објасни дека во Законот за работни односи не била содржана одредбата што ја оспори Уставниот суд за должината на работното време.

„Се разви дебата во општеството и за нивната уставност. Дебатата беше злоупотребена за поларизација на нашето општество. Во однос на Законот за работни односи сакам да ве информирам дека усвоениот текст не ја содржи оспорената одредбата од Уставен суд која предвидуваше дека работното време на секој работник може да биде во просек 60 часа неделно во текот на годината. Јас кажав дека нема да потпишам указ за закон кој содржи одредба оспорена од Уставниот суд и во таа насока во измените на законот нема таква одредба – истакна Пендаровски.

Претходно Пендаровски тврдеше дека за него најспорни се новите одредби за работното време на работниците.

„Ова е најспорно и мене ме зачудува зошто таква одредба е ставена. Ме чуди затоа што Уставниот суд има донесено одлука пред неколку месеци во која вели дека „работна недела подолга од 40 часа“, по исклучоци може само осум часа да работиш, е неуставна. И сега тоа да го ставаш повторно во закон за кој знаеш дека е сигурно неуставен, односно одредбата е неуставна и за тоа ако не го исполниш да платиш педесетина милиони евра… Тоа е прилично неодговорно“, рече неодамна претседателот.

Според Пендаровски, до денеска спорна беше и одредбата од измените на Законот за експропријација со која се прави обид да се поништи двостепеноста што е уставно загарантирана категорија. И тука, изјави тој пред да потпише, доколку граѓанин добие во втор степен спор за експропријација на имот, пеналите треба да ги плати државата.

„Такви одредби има и предлагам сите пратеници, особено оние кои го предлагаат, добро да ги погледаат“, порача претходно шефот на државата.