Три девојчиња биле сексуално експлоатирани, седум деца жртви на трговија со луѓе

Годинава, три девојчиња биле цел на сексуална експлоатација, информира министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска на денешната регионална конференција посветена на спречувањето и борбата против трговијата со луѓе.

Во 2022 година, идентификувани се девет жртви на трговија со луѓе од кои осум женски и едно машко лице. Најголем број од нив, се деца – седум на возраст од 14 до 17 години.

Според видот на експлоатацијата, во најголем број од случаите се идентификувани како присилен брак – шест лица, а две се идентификувани како сексуална експоатација од кои едниот случај е онлајн експлоатација.

Advertisements

Според министерката, мора подобро да се заштитат и да им помогне на жртвите. Посочи дека постојат повеќе услуги за поддршка на жртвите, регулирање на нивната состојба и помош за нивно закрепнување. Центарот за жртви на трговија со луѓе соодветно функционира со целосен капацитет за згрижување на шест лица.

„Трговијата со луѓе претставува сериозна повреда на човековите права и претставува закана за слободите и безбедноста на секое општество. Нашата држава и земјите во регионот често играат улога во секоја од фазите на трговијата со луѓе, како земја на потекло, транзит или дестинација. Би сакала да ги изразам искрените поздрави до земјите во регионот, да ја истакнам потребата од заедничка, обединета акција против трговијата со луѓе која е транснационален организиран криминал. Потребна е заедничка акција во која ќе се фокусираме на борбата со едно од најтемните реалности во светот денес, во која голем број на жени и мажи, момчиња и девојчиња се заробени“, порача Тренчевска.

МТСП, како што додаде, ја има зголемено финансиската поддршка за Центарот за лица жртви на трговија со луѓе и во целост ја финансира услугата обезбедена од здружението „Отворена порта“. Поради претрпените длабоки трауми, според Тренчевска, постои потреба од поголемо признание дека работата на рехабилитацијата не може да биде кратка програма, туку бара долгорочна инвестиција за да се обезбеди помош, поддршка, лекување, обуки неопходни за жртвите да започнат нормален, продуктивен и автономен живот.