Професорката Биљана Ангелова од Економскиот институт ја доби довербата да биде ректор на универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.
Таа е втора жена ректор на УКИМ по Радмила Кипријанова и доаѓа на местото на Никола Јанкуловски, кој два мандати беше прв човек на УКИМ.
Таа во својата програма вети дека како и досега ќе продолжи да работи во насока на зголемување на инвестициите во објектите и опремата, лабораториите, софтверите, и генерално подобрување на условите во кои студираат нашите студенти.
„Првенствено ќе се залагам за зголемување на постојните извори на финансирање кои ги обезбедуваме од Министерството за образование и наука, но и обезбедување на нови дополнителни извори на финансирање. Новите извори на финансирање ќе се обезбедуваат преку вмрежување и обезбедување на полесен пристап на универзитетските тимови за членство во Европските конзорциуми за истражувачка инфраструктура, како ERICs, и други истражувачки асоцијации фокусирани на одделни научни области, што ќе доведе до повеќе можности за учество на нашите единици на Европските проекти и вмрежување во европската истражувачка инфраструктура, а со тоа и повисок рејтинг на Универзитетот“, изјави професорката Ангелова во текот на кампањата.
Таа исто така вети развој на универзитетско претприемништво и зајакнување на соработката со бизнис секторот како нов дополнителен извор на приходи.
Професорката Ангелова на Економскиот институт е вработена од 1992 година, во 2007 година првпат е избрана во највисокото научно звање научен советник, редовен професор во областа на деловни финансии, а од јуни 2016 година досега беше проректор за финансии, инвестиции и развој на УКИМ.
Во овој период беше и претседателка на комисиите за финансии и за издавачка дејност на универзитетот.
Во трката за ректор беа и професорите Горан Ајдински од Филозофскиот факултет, Ратко Дуев од Филозофскиот факултет, Атанас Кочов од Машинскиот факултет, Христина Спасевска од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) и Димитар Ташковски од ФЕИТ.
Во следните три работни дена кандидатите ќе имаат можност и да поднесат приговор. Доколку има потреба од прегласување, тоа ќе биде спроведено на 9 јуни, а конечните резултати од изборите треба да бидат соопштени на 15 јуни.
Мандатот на новиот ректор на УКИМ ќе започне на 16 септември, со почетокот на новата академска година и ќе трае до 15 септември 2026 година