Вистината и аргументите се на нашата страна, министерката не сака да си ја признае грешката – Филхармонија повторно на протест

Нашите протести продолжуваат се до конечната промена на штетната одлука која ја донесе Министерството за култура. Колку повеќе Министерството за култура го прологира решавањето на проблемот, толку повеќе се продлабочуваат и последиците кои веќе се одразуваат и на работата на нашата институција, порачаа вработените во Филхармонија кои денеска во 14 часот, ќе одржат протест пред Министерството за култура кое веќе доби црвен картон на последниот концерт од официјалниот дел од концертната сезона „Дамар на слободата“, кој се одржа во петокот на сцената на НОБ, во рамки на фестивалот „Мајски оперски вечери“.

Негативната медиумска кампања, велат од Филхармонија, во последниве неколку месеци, направи сериозна штета на угледот и реномето на нашата институција. Нападите на поединци, но и оркестрираните платени текстови во медиумите целосно ја искривија реалната слика за проблемот во јавноста. Сто пати повторена лага – станува вистина беше лајт мотивот на манипулативната медиумска кампања која се уште се води против нашата институција.

Вистината и аргументите се на нашата страна, тоа и е јасно и на министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, која не сакајќи да ја признае сопствената грешка, влезе во отворена војна со нашата институција“ соопштија од Филхармонија.

Advertisements

Оттаму велат дека треба да бидат информирани доколку од Министерството за култура работат на решение на проблемот. Се жалат дека нивната институција е нападната од инспекции на Министерството за култура и дека имаат блокирана сметка.

Вработените во Филхармонија ѝ се обратија на министерката за култура, наведувајќи дека се борат против манипулациите и лагите поради кои нивната институција во последниве три месеци трпи сериозна штета.

„ А, вие со вашите досегашни потези, изјави и игнорантски однос кон нашата институција само потврдивте дека имате проблематичен однос кон традицијата, културата и кон врвните професионалци кои и дадоа безрезервна поддршка на Филхармонија“ порачаа вработените во Филхармонија.