Сите земји од Западен Балкан се на непотребно долг пат кон членството во Европската унија. Македонија веќе одамна требаше да биде членка на Унијата и затоа ја повикувам претседателката на Европската комисија да стори сè со цел кон Унијата што побрзо да ѝ се придружат земјите од Западен Балкан и да покаже повеќе емпатија за граѓаните и граѓанките во овој дел од светот. Видовме од примерот со Украина дека патот кон Европа мора да биде и побрз.
Тоа го порача поранешниот хрватски претседател Стипе Месиќ, кој денеска со претседателот Стево Пендаровски учествува на Македонскиот енергетски форум 2023, споделувајќи ставови за енергетските и политичките состојби и предизвици за државава и регионот.
Сегашната Европа во ЕУ, оцени тој, е малку уморна од здружувања, а земјите кои не се влезени во ЕУ се уморни од чекање.
„Атрактивноста на ЕУ помалку избледнува и тоа не е добро, бидејќи творците на ЕУ беа лидери и знаеја што сакаат. Денес, мора да ми простите, но не гледам вистински лидери, ниту во Европа, ниту во светот, тоа се бирократи во Брисел со големи плати, но не гледам резултати. Наместо да се забрза влезот на земјите кои чекаат и да им се помогне што побрзо да влезат во ЕУ се губи атрактивноста“, рече Месиќ.