Ослободителна пресуда за мене. Голема благодарност за сите пријатели кои не дозволија да останам сам, изјави д-р Бобан Вучевски по одлуката на судечкиот совет за тетовскиот доктор, обвинет за пожарот во модуларната болница. Ваквата одлука на судот со громогласен аплауз беше поздравена од граѓаните.
Додека траеше судскиот процес, д-р Вучевски постојано добиваше поддршка од граѓаните, кои како што велат, неправедно беше обвинет оти е најхуманиот доктор што некогаш го имало Тетово, кој бил достапен 24/7 за пациентите.
„Благодарност до адвокатскиот тим кој ме поддржуваше и ми даде сила да го спроведеме овој процес како што треба. Благодарност за правдата што излезе дека јас како доктор сум бил со вас, а сега уште повеќе ќе бидам со вас“, рече д-р Вучевски.
Докторот Бобан Вучевски беше обвинет дека дозволил роднини на пациенти да влезат во болничките соби, иако тоа било забрането.
Претходно, како што јави „Макфакс“ судијата Јордан Велковски го ослободи од вина.
На денешното рочиште беше изречена условна пресуда против обвинетите директори Флорин Бесими и Артан Етеми.
Бесими и Етеми се осудени на казна затвор по една година и шест месеци условно, ако во рок од три години не сторат ново кривично дело. Тогашните директори не поставиле опрема за гаснење на пожарот.
Тетовската болница како правно лице треба да плати милион денари отштета. Директорите се гонеа за две кривични дела, и тоа за тешки дела против општата сигурност и непостапување според здравствените прописи за време на епидемија, а докторот само за непостапување според здравствените прописи во време на епидемија.