ФОЛКОНИКА – Центар за зачувување и развој на македонската фолк музика, фолклорното творештво, едукација и иновации за деца вчера ја промовираше новата музичка фолк сликовница за деца „Јовано,Јованке“.
Фолк сликовницата ја илустрира народната песна со ист наслов и е втора во серијалот сликовници, што ги објави „Фолконика“.
На промоцијата, која се одржа во Детската градинка „Срничка“ – Објект „Чекорче“ во Општина Аеродром,Скопје, зборуваше Душко Георгиевски, популарен фолк пејач, во улога на претседател на „Фолконика“, кој го изрази задоволството од печатењето на новата музичка фолк сликовница,потенцирајќи го големото значење за пренесување на музичкото фолклорно богатство на најмладите и со тоа негово зачувување.
„Новата сликовница, е продолжение на нашата заложба да дадеме придонес во негувањето на македонската музичка фолк ризница. Среќни сме што успеавме да додадеме уште еден наслов, а работиме посветено и на изработка на нови сликовници. Сметаме дека со збогатување на детското издаваштво, со вакви уникатни сликовници, ќе овозможиме децата да читаат, пеат народни песни, а воедно да градат и естетски и културни вредности, како млади личности, бидејќи сликовниците претставуваат спој на народна песна и уметнички дела на македонски ликовни уметници. За да го зачуваме музичкото културно наследство, треба да тргнеме од најмалите. Затоа се трудиме да најдеме интересни форми да го доближиме на новите генерации на деца“, истакна Георгиевски.
На промоцијата, се обрати и Александра Јелиќ Исаиловска, директорка на Детската градинка „Срничка“, која го изрази задоволството од соработката со „Фолконика“ и изборот кај нив да биде промовирана сликовницата. Таа, воедно, го истакна и значењето на негувањето на фолклорната музичка традиција, нешто што како воспитно-образовна установа, со особено внимание, го прават преку програмските активности во работењето, со цел децата да учат за неа.
Новата сликовница, претставува спој на познатата народна песна „Јовано,Јованке“ илустрирана со уметнички дела на академскиот сликар Горан Боев. На страниците на сликовницата, се наоѓа текстот на песната и нотни записи, кои се надополнуваат со соодветни уметнички дела, кои изобилуваат со автентичен колорит, кои го надополнуваат и естетското доживување, со цел да го задржи вниманието на детето. Ликовното и графичкото уредување е на Медија Консалтинг и Мила Георгиевска, а мелографијата на музичкиот соработник, Славејко Гиразов.На страниците се наоѓаат и народни инструменти, кои се во форма на боенки, со цел децата преку боење, да ги научат инструментите, многу повеќе, а воедно и страница за нивна ликовна креација, на народна песна.
Изборот, за народна песна, како наслов за сликовницата, е произлезен од Проектот „Испеј народна песна-напиши фолк сликовница“, кој го реализираше „Фолконика“ во изминатиот период.Во рамките на проектните активности, одржани се работилници во дел од градинките од Општина Аеродром, на кои децата цртаа и илустрираа, според доживувањето на фолк музиката, која е изведувана на работилниците.
Во рамките на промоцијата, беше изведена и народната песна, во која беа вклучени и децата од Градинката, а беа изложени и цртежите, кои се изработени од децата во рамките на работилниците, за Проектот.
Проектот „Испеј народна песна-напиши фолк сликовница“ за дел од активностите финансиски е поддржан од Општина Аеродром.
„Фолконика“ најавува промоција на сликовницата „Јовано, Јованке“.Првата музичка фолк сликовница беше издадена во 2021 година, под наслов „Слушам кај шумат шумите“.