Поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, доби затворска казна од 8 години поради „перење пари“ и „злоупотреба на службената должност“ во случајот „Софтвери“.
Според Основниот кривичен суд, Рашковски во периодот од 2017 до 2021 година, додека бил генерален секретар на Владата, ги местел тендерите за набавка на софтвер за мерење на брзината во сообраќајот, како и на софтвер за биометриска идентификација, со што голем дел од парите завршиле кај него.
Судот објави дека ќе се конфискуваат недвижнини на Рашковски со цел да се надомести штетата, а права на некои од нив нема да имаат ниту неговите малолетни деца.
Ивица Дмитровски, професор за информатички науки и надворешен соработник на Владата, е осуден на казна затвор од 5 години, а Игор Христов, исто така надворешен соработник на Владата, доби 5 и пол години затворска казна.
Даниел Станчев, сопственикот на „Инвока“ е осуден на затвор од 4 години, додека Ирена Ивановска, Игор Ивановски, и Маја Сиљаноска, надворешни соработници на Владата, се осудени на 3 и пол години, односно последните двајца на 3 години казна затвор.
Според обвинителниот акт, првообвинетиот, Драги Рашковски, не ги извршил службените должности при спроведување на четири постапки за јавна набавка за систем за биометриска идентификација, јавна набавка на софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни, набавка на АНПР камери за препознавање на регистарски таблички за возила и јавна набавка на метални кабини за потребите на системот на биометриска идентификација и систем за автоматско препознавање на регистарски таблици.
Случајот го водеше судијката Фанка Јанчулева Михаиловска, а застапник на обвинението е обвинителката Ивана Трајчева.