Граѓанската организација „Здрава котлина“ ги повика граѓаните, граѓанските здруженија и организации од целата земја на 15 јули да дојдат во Струмица на протестот кој ќе започне во 11 часот на раскрсницата во центарот на градот, до градскиот пазар „Глобал“.
„Здрава котлина“ го објави повикот на социјалната мрежа Фејсбук, откако Управниот суд ја уважи тужбата на компанијата „Еуромакс Ресоурцес“ против одлуката на Владата да се раскине договорот за една од концесиите, а потоа Владата донесе одлука со која се спојуваат концесиите за рудникот „Иловица-Штука“
„Почитувани жители на Македонија, соборци, сограѓани, без разлика на пол, вера, социјален статус, политичка и било каква друга определба, на Струмичката Котлина ѝ се заканува грозоморно убиство! Со последниот потег на корумпираните судови и Владата, рударските корпорации се на чекор да го отворат геноцидниот и екоцидниот проект рудникот „Иловица-Штука“. Време е да ја земеме судбината во свои раце и јасно да им ставиме на знаење дека никаков рудник за злато и бакар нема да има во Иловица-Штука,“ се вели во апелот на „Здрава котлина“.
Граѓанските активисти најавија радикализирање на нивниот повеќегодишен отпор против отворање на рудникот за злато и бакар, откако Владата ги спои концесиите на компанијата „Еуромакс Ресоурцес“ и ја оживеа идејата за раскопување на плодната котлина.
Министерството за економија уверува нема да има дозвола за отворање на рудник во Иловица без претходна консултација и одобрение од локалното население, но од друга страна по пресудата на Управниот суд, Владата и Министерството за економија како тужена страна, се задолжени да постапат и да го применат правнoтo сфаќање и дадените забелешки на Управниот суд.
Владината одлука за едностран раскин на Договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина-руди на бакар и злато на локалитетот „с.Иловица“, општина Босилово, донесена на 16.12.2019 година е поништува и предметот се враќа кај Владата и Министерството за економија на повторно разгледување и одлучување.
Од „Еуромакс Ресоурцес“ информираа дека сите правни аргументи се на нивна страна и дека очекуваат надлежните државни институции да продолжат да ги усвојуваат сите неопходни одлуки за да почне реализацијата на, како што велат, една од најголемите инвестиции од независноста на државата до денес.