Пожар во битолскиот затвор – притворениците евакуирани

Попладнево избил пожар во затворот во Битола потврдија за Телма од надлежната служба на Министерството за правда.

Пожарот се појавил во една келија и првичните претпоставки се дека е подметнат од еден од затворените притвореници иако истрагата треба да покаже како избувнал огнот.

Затворските чувари веднаш ги евакуирале лицата кои издржувале казни или се во притвор и почнале да го гаснат пожарот. Набргу прситихнале и битолските пожарникари и огнот е ставен под контрола и изгаснат.

Advertisements

Неколку чувари биле префрлени во битолскиот Клинички центар поради вдишување чад, но немаат посериозни последици, дознава Телма од болнички извори. Нема други повредени лица.

Поради пожарот, била исклучена и струјата во поголемиот дел од затворот. Притвореници кои ја издржуваат судски изречената мерка-притвор се префрлаат во другите затвори со притворски одделенија, односно во затворите во Охрид и во Скопје (Шутка). Затворот во Битола беше реновиран за да се обезбедат и подобри услови за затворениците и притворениците, а тогаш беше модернизирана и противпожарната заштита во него.

Повеќе информации ќе бидат соопштени од Управата и од Министерството за правда.