Пожарот во зградата на Основниот суд Куманово, каде што била сместена архивата, предизвика сомнежи во јавноста дека можеби е подметнат за да се прикрие криминалот на власта, како што утрово обвини опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Ваквите сомневања се поттикнати и поради претходната реакција на министерот за правда, Кренар Лога дека изминативе месеци четири пати испратил писма до Судскиот совет со цел да се утврди одговорност на в.д претседателката на Основниот суд Куманово, Снежана Манев, откако на почетокот на годинава биле констатирани злоупотреби на АКМИС системот.
Судијата Зоран Соларски, кој е и портпарол на кумановскиот суд во изјава за Журнал ги негира ваквите обвинувањата и вели дека истрагата ќе ги утврди вистинските причини за пожарот со што ќе се отстранат сите шпекулации за каква било заднина во овој немил настан.
На прашање на Журнал.мк дали во судската архива има предмети за висока корупција поради кои се поттикнати и шпекулациите дека пожарот е наједноставен фитиљ за да исчезне таквата документација, судијата Соларски објаснува дека таквите предмети, сепак се оставени на решавање во скопските правосудни органи, односно во Основното јавно обвинителство и во скопските судови.
– Нема предмети за висока корупција во нашиот суд, ниту пак е изгорена судската архива, настрана што во АКМИС системот се е сочувано, серверот не е уништен во пожарот, вели судијата Соларски и додава дека се очекува на местото на пожарот да почне вештачењето, а во меѓувреме судот се организира како ќе ги продолжи притворските предмети кои треба веднаш да се решаваат со оглед на тоа што во догледно време нема да има услови за работа во судот.
– Договоривме рочиштата за предметите кои се однесуваат на притворот да се одржуваат во Кривичниот суд во Скопје додека не се создадат услови за работа, вели судијата Соларски.
Фактот дека пожарот, како што извести Регионалниот центар за управување со кризи (ЦУК), се случил час и половина по полноќ, кога во судот нема или не би требало да има некој кој би можел да биде причинител за огнената стихија, освен ако не станува збор за дотраена инсталација, уште повеќе ги засилува сомнежите дека можеби станува збор за кривично дело, а не за несреќа.
Првите вакви сомнежи на социјалните мрежи ги искажа пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.