Основниот кривичен суд Скопје претпладнево изрече пресуда за обвинетите Исмет Гури и Ејуп Алими од ДУИ кои добија затворски казни од по три ипол години во повтореното судење за случајот „Титаник 3“.
Тие беа обвинети за уништување изборен материјал на локалните избори во општина Чаир, во 2013 година во предмет на сега веќе згаснатото СЈО.
Апелацискиот суд Скопје на 12 јули 2021 ја укина првостепената пресуда и го врати случајот на почеток, но и по повтореното судење им е изречена иста казна како и претходно. Со судечкиот совет кој ја изрече казната претседава судијката Марија Клетничка-Марковска.
Исмет Гури и Ејуп Алими на 31 март 2020 година беа осудени на по три и пол години затвор за „Титаник 3“, поради уништување на изборен материјал.
Гури беше обвинет дека за време на локалните избори во општина Чаир, во 2013 година, заедно со сведоците Блерим Мухаџери и Ќани Точи ги преправале записниците од гласањето. На Алими, пак му се ставаше на терет дека преземал противзаконски дејствија за уништување на изборен материјал.
Инаку, судската постапка за „Титаник 3” двапати беше вратена од почеток. Прво судијката Оља Ристова се иззема од овој предмет, па за нов претседател на Судечкиот совет беше избрана судијката Марија Клетничка која денеска заедно со судечкиот совет ја изрече истата затворска казна.
Оваа пресуда не е правосилна, обвинетите може да се жалат до Апелацискиот суд.
Инаку, Гури е заменик-управник во УЈП, а поранешниот пратеник Алими државен советник во Министерството за политички системи и односи меѓу заедниците со кое раководи првиот вицепремиер Артан Груби.