Министерка за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, најави дека ќе присуствува на протестот против рудникот во Иловица, кој е закажан за утре во 11 часот во Струмица.
„Точно е дека Владата донесе одлука за спојување на концесиите. Тие две концесии веќе беа издадени, со ова немаше спојување на концесискиот отпад. Јас ја разбирам загриженоста на граѓаните. Ако можам денеска да го изразам мојот личен став, јас сум исто така против нови рудници во државата. Сметам дека особено тој земјоделски крај, каде што треба да се развива земјоделството и каде што државата ги поддржува земјоделците, мислам дека тоа треба да ни биде приоритет, тоа е мој личен став. Јас ќе се придружам утре, ќе бидам во Струмица. Сакам да ги слушнам граѓаните и сакаме да бидеме дел од овој процес. Владата, во координација со премиерот и со другите министри, повторно ќе ја разгледа одлуката за спојување на двете концесии, иако, повторно ќе кажам, тоа во принцип не значи зголемување на концесискиот обем, тоа само значи административно спојување на две концесии“, одговори министерката Шукова на новинарско прашање.
Протестот утре е во организација на Иницијативата „Здрава котлина“, по веста дека Владата ги споила концесиите и дека е на повидок отворање на рудникот за експлоатација на минерална суровина, руди на бакар и злато на локалитет во Иловица.
Збирно место на протестот е раскрсницата кај ГТЦ „Глобал“ – Струмица. Организаторите велат – кој нема да се појави на протестот, не треба да се мачи да се појавува на какви било идни политички собири во југоисточна Македонија.
„Ова што се случуваше изминатите седум години и она што ќе се случува во следните месеци е само рефлексија и одговор на севкупната состојба во државата која целосно се распаѓа во морето на криминал и корупција и за која одговорност пред се имаат политичките елити на секое ниво! Принудени сме да се браниме со сите расположливи средства и методи затоа што во Македонија веќе подолго време не постои правен систем и правен поредок кој треба и мора да ги заштити граѓаните токму од вакви тешки злоупотреби на манипулативни и бескрупулозни функционери кои се целосно распуштени и без контрола, опиени од моќта поради контролата која ја имаат врз механизмите на власта. Рудникот на смртта Иловица-Штука е зло кое мора да биде запрено и тука сите сме на јасно освен оние што имаат намера да профитираат врз маката на сите жители во југоисточна Македонија“, велат од „Здрава котлина“.
Еколошката организација повика да се носат реквизити за да се постигне поголема гласност на протестот.