Директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), Зоран Трајчевски, бил цел на анонимни закани поради одбиеното барање за одземање на дозволата за емитување на националната телевизија Алсат, тврдат од Агенцијата.
Трајчевски заканите ги добил на мобилниот телефон на 13 јули, а тие веќе се пријавени во МВР и другите надлежни институции од кои од АВМУ очекуваат брза разрешница. Исто така, известени се и меѓународни организации.
„Пораките се пратени откако Агенцијата, на седницата одржана на 11 јули, ја отфрли поднесената анонимна иницијатива за одземање на дозволата на ТВ Алсат-М. Агенцијата ја разгледа доставената иницијатива, меѓутоа се утврди дека не може да се пристапи до линковите кои беа посочени како наводен доказ дека ’„Ве-ве груп“, сопственик на Алсат-М, ја злоупотребува телевизијата и врши притисок врз државните институции за остварување на своите бизнис-потреби. Воедно, иницијативата беше доставена како анонимна пријава и немаше можност да се извести подносителот да ги отстрани недостатоците во неа“, велат од АВМУ.
Според Агенцијата, „упатувањето заканувачки пораки поради неисполнето барање, кое е засновано на лични желби и лични интереси, претставува индивидуално психичко вознемирување и малтретирање и во случајов притисок и директно загрозување на слободата на медиумите и на слободата на информирање и изразување“.