Бизнисменот Орце Камчев се најде на црната листа на САД. Американското министерство за финансии одлучи да го санкционира поради сомневање за корупција, перење пари и злоупотреба на службена положба.
Според американските власти, уште од почетокот на 2000-та година, името на Камчев се поврзува со коруптивни скандали, а последни случаи за кои бил осуден се „Парцели на Водно“ и „Империја“. Со последната одлука, покрај тоа што му се забранува влез во САД, на Камчев му се замрзнуваат сите средства, поседи и имоти поврзани со него или неговите фирми на американска територија.
Во објаснувањето на одлуката се наведува дека тој интензивно се занимава со корупција, вклучително и со злоупотреба на службената положба, перење пари и други незаконитости повеќе од една деценија, односно од раните 2000-ти.
„Господинот Камчев ја злоупотребил својата позиција, ангажирајќи се во коруптивни активности и спроведувајќи себична агенда на сметка на демократските институции и граѓаните на Северна Македонија.“ – велат од министерството за финансии на САД.
Во документот се наведува и дека Камчев го искористил своето влијание и богатство за да манипулира со судскиот систем во државата. Како пример е наведен случајот со поранешното СЈО, каде поранешната обвинителка Катица Јанева, беше обвинета за примање поткуп од Камчев, а потоа сведочеше дека тој платил во замена за поволни услови за апсење и исход на случајот.
„После скандалот СЈО пропадна. Како резултат на тоа, многу случаи на корупција на високо ниво кои СЈО ги разгледуваше остануваат во стагнација и нерешени, одложувајќи ја одговорноста за многу поединци кои се занимавале со корупција слична на Камчев“, велат од министерството за финансии на САД.
Американската амбасадорка во земјата пак порачува дека САД и во иднина ќе продолжат да таргетираат корумпирани поединци. Според американската амбасадорка, санкциите нема да влијаат само врз Камчев туку и врз сите останати кои имаат бизнис со него.
„Овие санкции не влијаат само на компаниите и имотот на г-дин Камчев, туку и на оние кои имаат бизнис со него. САД ќе продолжат да таргетираат корумпирани поединци кои го поткопуваат владеењето на правото и стабилноста на Северна Македонија. Корупцијата има последици.“ – вели Анџела Агелер амбасадор на САД во Македонија.
Пред неполн месец, на црната листа на сад заврши иструшкиот градоначалник, Рамиз Мерко и членови на неговото семејство.